ДУНА ГО ПРЕТСТАВИ ИНТЕЛИГЕНТНИОТ ДОМ ЗА СЕКОЕ СЕМЕЈСТВО
Smart House Intelligence системот се базира врз неинвазивен процес на инсталација, кој што ја елиминира потребата од каблирање и дополнителни работи во домот
Во 6 часот наутро системот ја мести температурата и сите потребни карактеристики во домот за утринската рутина; 7:15 – домот се буди; 7:20 – ролетните автоматски се подигаат; 7:25 – системот забележува движење, полека ги осветлува ходниците, бањата и кујната; 7:26 – тушот пушта топла вода, машината подготвува свежо кафе, телевизорот се вклучува на каналот со утринските вести; 7:30 – прозорците малку се отвораат заради проветрување; 7:50 – во проветрената спална соба се слуша информација за временската состојба, системот ја пушта омилената музика; 8:00 – заминување на работа, а паметниот дом ги исклучува сите уреди, го вклучува алармниот систем, ги спушта ролетните и ги затвора сигурносните врати. Вашиот дом е сигурен!
Воведни сцени од научно-фантастичен филм? Не, воопшто. Туку секојдневна реалност во интелигентниот дом!
Дуна Компјутери, за прв пат во Македонија го претстави новиот сегмент кој што го развива компанијата, таканаречениот Smart House Intelligence или Интелигентниот дом за секое семејство. Овој свој нов производ Дуна го промовираше на Fashion & Life Style Expo, што се одржа викендов во објектот на Македонската опера и балет во Скопје.
“На старот на годинава, со гордост ви го претставуваме новиот сегмент во компанијата, Smart House Intelligence, односно таканаречениот Интелигентен дом за секое семејство. Со системот на Дуна, секој дом може да добие димензија на саморегулирачки и управувачки механизам, кој што ќе им служи на секојдневните рутински животни потреби и навики на сите членови во домот. Благодарејќи на ова решение, сите електрични уреди во домот можат да комуницираат непосредно, обезбедувајќи широк простор на конфигурабилност, во смисла и на решенија и на апликации, индивидуално адаптирани. Со паметниот дом се обезбедува дополнителен комфор и сигурност во домот.”, потенцираше Валентина Иваноска, Оперативен менаџер во Дуна Компјутери при презентацијата на интелигентниот дом.
Smart House Intelligence системот се базира врз неинвазивен процес на инсталација, кој што ја елиминира потребата од каблирање и дополнителни инсталации во домот. Минималистичките модули можат да се инсталираат на било која разводна кутија во домот, зад прекинувачот за струја, зад прекинувачот за контрола на ролетни и слично. Она што е уште една погодност за корисниците, системот не се врзува за домот како градба засекогаш. Затоа, доколку корисникот го преуредува, модифицира или го надградува домот, нема никаков проблем околу преместувањето на системот: може да се земе било кој од модулите од ѕидот и да се преместат на новата локација. “Благодарејќи на меш поврзувањето, модулот ќе се апдејтува на новата локација и ќе ја продолжи кооперативноста со целата мрежа непрекинато”, велат во компанијата.
На впечатливиот штанд на Дуна во рамките на Fashion & Life Style Expo, беше направена и лесно разбирлива шема за претставување на каратеристиките и функционалностите на еден паметен дом. Вработени во компанијата одговорни за спроведување, следење и развој на паметниот дом на Дуна, беа ставени на располагање за сите заинтересирани кои што сакаа да дознаат малку повеќе за овој систем, за неговото функционирање, за имплементација, за начинот на корстење и за контролата на најосновните процеси во домот.